Белата куќа ќе се повлече од Планот за чиста енергија

0
181

Групите за заштита на животната средина се вознемирени заради намерите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за поништување на планот од ерата на Обама за намалување на испуштањето на гасови во атмосферата кои се обвинуваат за глобалното затоплување.

Директорот на Агенцијата за заштита на животната средина, Скот Пруит, изјави дека ќе го укине Планот за чиста енергија, велејќи дека „војната против јагленот е завршена“.

Пруит ова го соопшти при посетата на складиште за јаглен во Кентаки – сојузна држава чија индустрија за јаглен изгуби голем број работни места, делумно поради намалената побарувачка за јаглен и регулативите за централите на јаглен.

Пруит, како и претседателот Трамп, е скептик во однос на климатските промени. Тој неколкупати ја тужеше Агенцијата за заштита на животната средина кога беше главен правобранител на сојузната држава Оклахома.

Тој верува дека Белата куќа под раководство на Обама го пречекорила својот авторитет со поставувањето стандарди за испуштање на јаглерод диоксид, за кои Пруит вели дека индустријата за јаглен тешко може да ги постигне.

Ниту една федерална агенција, рече Пруит, „не треба да го користи авторитетот и да објави војна на било кој сектор од нашата економија“.

mk.voanews.com