Белград под опсада

0
725

Над седум илјади полицајци, кои ќе бидат распоредени во пет прстени и снајперисти на покривите на зградите се задолжени за обезбедувањето на учесниците на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кој ќе се одржи на 3 и 4 декември во Белград.

Безбедноста на самитот е подигната на највисоко ниво бидејќи состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ОБСЕ се одржува во време на зајакнати терористички напади и влошени односи меѓу некои земји во светот.

Освен српските безбедносни служби ќе има и специјалци на други држави, а американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Србија ќе дојдат со свое обезбедување.

За безбедноста на Кери ќе се грижат припадници на тајна служба, која во описот на работата ја има заштитата на претседателот на САД, односно највисоките функционери и американската валута доларот. Овие оперативци се единствени, кои имаат право да одбијат наредба на претседателот на САД.

Со Лавров пристигнуваат оперативци на руската Федерална служба за безбедност и тие ќе бидат задолжени само за првиот прстен на безбедноста, додека за останатото обезбедување ќе бидат задолжени домашните служби. Сите останати функционери се под заштита на српските безбедносни служби и полицијата.