Бернајс пропаганда на Битола отворен град

0
583

Неколку илјадна публика под отворено небо на Широк сокак во Битола, го
проследи овогодинешното издание на фестивалот Битола отворен град, на кој
покрај култниот рок бенд “Електрични оргазам” настапија хероите на
македонската независна музичка сцена “Бернајс пропаганда”.

Во Битола го претставија новиот албум „Политика” објавен во соработка со
независната словенечка етикета „Мунли рекордс”.
Секогаш револуционерни во својот музички израз, со четири студиски
изданија и повеќе стотици концерти, тие важат за еден од водечките
алтернативни бендови од регионот.

На последната европска турнеја бендот во 30 дена одржа 27 концерти.

Со големиот музички хепенинг, Младинскиот културен центар – Битола го
заокружи 15-тото издание на фестивалот „Битола отворен град 2016″ со
поддршка на УСАИД. Четиридневниот фестивал од 22 до 25 јуни пред
публиката донесе повеќе настани на различни локации на главната улица
Широк сокак во Битола, односно два улични концерти, уметнички инсталации
и изложба на стрипови, проекција на документарни филмови за важни
општествени прашања, неколку работилници за граѓански иницијативи и
слично.
Од МКЦ –Битола посочуваат дека фестивалот е важна платформа за многумина
уметници, млади луѓе и учесници од граѓански организации, каде можат да
ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку културни активности.