Би-би-си: Дали папата е комунист?

0
254

Критиката на економијата заснована врз слободниот пазар од папата направи икона на левицата. Поглаварот на Римокатоличката црква го нарече капитализмот извор на нееднаквоста и „убиец на невините“, па многумина се прашуваат дали папата Франциско е всушност комунист, пишува Би-би-си.

„Актуелниот папа без сомнеж влече кон марксизмот. Неговите скептични ставови кон капитализмот и слободниот пазар се многу гласни и прилично загрижувачки“, тврди американскиот економист Стивен Мур.

Тој е само еден од Американците кои некогашниот папа Јован Павле Втори го сметаат за херој, а папата Франциско го нарекуваат предавник.

Во ставовите на двајцата папи за прашања како економијата и социјалната правда, постојат драстични разлики, а тоа во голема мера е последица на средините од кои доаѓаат.

Папата Јован Павле Втори поголемиот дел од младоста го минал под тоталитарен режим – прво за време на нацистичката окупација, а потоа и советската доминација во Полска за време на Студената војна. Искуството го научило комунизмот да го гледа како непријател.
Од друга страна, папата Франциско се формирал како личност за време на аргентинскиот националистички лидер Хуан Перон.

„Верувам дека папата Франциско се идентификувал со перонистичките иде за економската независност и работничката класа“, тврди Остен Ивереј, теолог и автор на биографијата на папата.

И покрај меѓусебните разлики, врз двајцата папи влијаело „католичкото социјално учење“, струја на мислења која ги отфрла комунистичките идеи, но критикува и голем број аспекти на капитализмот.

Како што пишува Би-би-си, станува збор за учење кое на политичката оска не може да се стави ни под левица ни под десница.

„Акцентот е врз солидарноста и активното општество кое може да се спротивстави на доминацијата на богатите врз сиромашните преку децентрализација на моќта“, тврди британскиот економист Морис Гласман.

Тој смета дека папата Франциско го „радикализирал“ спомнатото учење со инсистирањето дека свештениците треба да го набљудуваат светот низ очите на сиромашните.

Папата, исто така, отворено го критикуваше важечкиот економски систем, како систем во чиј центар е „лажниот бог на парите“. Според зборовите на францускиот економист Томас Пикети, таквите изјави можат да бидат опасни „бидејќи нѐ водат во лоша политика“.

На прашањето „Дали папата е комунист?“, новинарот на Би-би-си Ед Стуртон по анализата на сите аргументи одговара со „не“.

„Левичарите имаат многу причини да му се восхитуваат на папата Франциско, а десничарите имаат подеднакво многу причини да не го сакаат, но тој не е комунист. Тој едноставно сака да ги провоцира луѓето“, заклучува Стуртон.

Без коментари

LEAVE A REPLY