БиХ е во длабока криза, се закануваат оружени конфликти

0
439

Босна и Херцеговина е во нова длабока и опасна криза која може да има несогледливи последици и да ја турне земјата во нови конфликти, оценуваат повеќето локални медиуми кои денес опширно ја коментираат одлуката на властите на Република Српска да ја прекине соработката со Судот и Обвинителството на БиХ и Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).

Новата криза е на насловните на сите дневни весници во БиХ без разлика од кој ентитет се. „Додиковиот удар врз државата“ и „РС ја прекинува соработката со СИПА и правосудните институции на БиХ“ се големите наслови на првите страници на сараевските Дневни аваз и Ослобоѓење, додека бањалучките провладини дневни весници Независне новине и Глас Српске на насловните страници исто така пренесуваат информации за прекинот на соработката на владата и парламентот на Република Српска.

Аваз истакнува дека станува збор за ескалација на судирите на релација Бања Лука – Сараево кои траат со месеци, а Ослобоѓење ја цитира изјавата на претседателот на РС Милорад Додик дека вчера малку недостигало да избие оружен судир меѓу припадниците на СИПА и ентитетската полиција во Босански Нови за време на акцијата за апсење на петмина босански Срби осомничени за воени злосторства.

Таквите изјави, според Аваз, опасно потсетуваат на поделбите во министерството за внатрешни работи на БиХ во 1992, кои ѝ претходеа на војната , но на таканаречената балван-револуција со која Милан Мартиќ го почна бунтот против Хрватска. Сличен став има и членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, кој од Анкара вчера испрати предупредување дека ваквиот развој на настаните може во БиХ да го разурне мирот.

 Во првите анализи на одлуката на Милорад Додик до крај да ги заостри односите во БиХ и да се закани со оружени пресметки се истакнува дека зад сето тоа може да стои обидот на претседателот на РС да го заштити своето владеење од можен казнен прогон поради криминал. На ова особено инсистираат српските опозициски партии во БиХ.
www.mkd.mk