Билјана Петровска Исијанин е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2017 година

0
242

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија по четврти пат ја доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика. Овогодишен добитник на наградата е Билјана Петровска Исијанин со предлог истражувачкиот проект насловен „Такси“.

Тричлено жири во состав Нада Пешева, Јованка Попова и Мира Гаќина (историчарки на уметноста) по разгледувањето на предлозите одлучи дека предметниот проект на Билјана Исијанин заслужува да биде издвоен и награден со годишната награда за уметничка критика „Ладислав Баришиќ“.

Спротиставувајќи им се на институционалните поимања за улогата на ликовната критика и дефинирањето на чинот на дејствување на уметникот, Билјана Петровска Исијанин предлага истражување кое има за цел да го испита односот преку опозиционирање на препознатливите општествено прифатени институционални уметнички активности наспроти стандарди кои се противат на унифицирањето на уметноста.

Комисијата разгледувајќи го предлог-концептот заклучи дека истражувачкиот проект нуди можност за нови социо-културолошки поимања на уметноста денес и улогата на ликовниот критичар кој поседува потенцијал да влијае на перцепцијата за уметничкото дело, кое наместо ексклузивно треба да е инклузивно и партиципативно во однос на секојдневието.

Комисијата е на мислење дека предлог-концептот на Исијанин ги исполнува целите на објавениот повик за доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ и дека нуди иновативен приод во теориското истражување на поимањето на уметноста во Македонија.

Билјана Петровска Исијанин (1965) живее и работи во Битола како независен куратор и ликовен критичар. Дипломирала 1989 година на катедрата за Историја на уметноста со археологија при Универзитетот „Свети Кирил и Методија“, магистрирала 2013 година на студии на културата при Универзитетот „Евро-Балкан“.

Основач е и уметнички директор на меѓународниот фестивал на видео и фотографија „Став“ во Битола, како и основач и раководител на центарот за современи јавни уметности „Елементи“ Битола. Во 2005 и 2006 била куратор на програмските активности на галеријата „Магаза“ во Битола. Има организирано и работено на бројни кураторски проекти од областа на современите уметности и уметнички практики.

Исто така, таа има издадено две книги: „Субверзивни дејствувања од Улај до Банкси“ (2015), и Монографија за 20 години дејствување на „Елементи-документи 1992-2012“, како и стручни текстови и ликовна критика во меѓународни публикации.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ за предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас.

Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзина артикулација во контекст на современите уметнички продукции.

Оттука, наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.