Битката на УКИМ со власта во офанзива

0
316

Битката на УКИМ со власта допрва добива карактеристики на офанзива, вели универзитетскиот професор и член на Професорскиот пленум Мимоза Ристова во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа вели дека на потег се луѓето кои се спротивставуваат на криминални избори во секој облик.

Се избра нов ректор на УКИМ во контроверзни услови, се отвора нов Универзитет, ја изгуби ли УКИМ битката што ја водеше со власта?

Не верувам дека ја изгуби. Битката добива карактеристики на офанзива. Мислам дека следниот потег е кај нас, луѓето кои се спротивставуваат на криминални избори воопшто, во секој облик, дали на државно ниво или на ниво на оваа организација, којашто е државен универзитет, јавна установа. Ние ќе се спротивставиме со тоа што ќе побараме враќање, ресетирање на целата состојба на почеток, затоа што нерегуларностите се од повеќе аспекти.

Интелектуалците, уметниците по долг молк го кренаа својот глас, но и се поделија, моќни ли се да променат нешто?

Поделбата е некаква вештачка поделба. Едните се вистински интелектуалци, а другите се квази и уценети интелектуалци, значи едните делувале во општеството, сме ги следеле и сме ги гледале нивните дејанија со деценија наназад, можеби и повеќе децении, додека другите се новородени. Јас се изненадувам за некакви новопечени, кои не сакам да ги именувам. Тие луѓе од ГДОМ и од сличните констелации, наменски новосоздадени, во стилот на контрапротестанти и контра сè, тие луѓе се измислени, тие не биле интелектуалци. Интелектуалци се луѓе кои критикуваат и едни и други и трети. Едноставно да бидеш критичко око на власта. Тоа е интелектуалец, а не е интелектуалец да бидеш врзан со некоја партија и кауза. Едноставно кауза е мојот ум и моето знаење. Ништо друго не признавам.