Битола и РЕК Битола нема да останат без вода

0
1096

Сите надлежни претпријатија заедно со професорот од Градежниот факултет денес беа на лице место да ја согледаат состојбата со новопојавеното свлечиште кај Драгарино кое направи голема штета на главниот канал на ЈП Стрежево и предизвика проблеми со водоснабдувањето. Објектот е на РЕК Битола, па така екипи на Стрежево и РЕК од вчера во 5 часот наутро до денес интензивно работеа.SVLECISTE

-Заеднички дејствувавме со изработка на „лимен канал“ преку кој ќе дистрибуираме одредена количина вода потребна за снабдување на градот и РЕК Битола, еден дел ќе остане за земјоделците, кој ќе остане за наредната фаза. Вложени се натќовечки напори, работиме со шест специјализирани екипи да се реактивира главниот канал и да се стабилизира снабдувањето со вода во Битола, изјави Марјан Ѓероски, директор на ЈП Стрежево.

РЕК Битола функционира нормално.

-РЕК нема да претрпи никакви загуби, нема никаква опасност. Се снабдуваме од реката Црна и од нашето езеро кое има 4 милиони кубици вода. Имаме залиха за околу 3 месеци, изјави Јовко Крстевски, директор на РЕК Битола.

Моменталната потрошувачка на вода во градот е двојно поголема од дотокот на вода, вели директорот на Водовод.

-Тоа се должи на дезинформации низ градот дека ќе останеме без вода, луѓето си прават резерви, но најверојатно нема да им требаат. До вечерните часови ќе се среди се, изјави Горан Стефановски, директор на ЈП Водовод.

И од подрачната единица на Министерството за земјоделие беа присутни.

-За брзо време ќе се санира, културите за кратко време ќе издржат, рече Илија Србиновски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделие.

Инаку професорот од Градежниот факултет кој како стручно лице е вклучено во санацијата, објаснува дека во моментов се врши интервентно поставување на длабоки бетонски и челични колови за да го потпираат каналот, додека во внатрешноста на каналот се ставаат челични елементи и други хидротехнички мерки кои ќе помогнат времено да се реши проблемот со водоснабдувањето во Пелагонија.

-Целосната реконструкција на свлечиштата треба да заврши во период од шест месеци, но сега ќе се направат напори тоа да се изведе побрзо, изјави Милорад Јовановски, Градежен факултет Скопје.

Свлечиштето кај Драгарино како што велат надлежните е резултат од врнежите и поплавите кои ја погодија Пелагонија зимоска.