Битола ја слави музиката-започнува 9-тиот Фестивал на музика од светот

0
790

Љубојна и специјалниот гостин Џамбо Агушев, денес во Центарот за култура го отвoраат деветтото издание на Фестивалот на музика од светот, една од најпосакуваните и најпосетувани музички манифестации во градот во текот на годината.

Концептот на фестивалот оваа година  е насочен на музика од Балканот.
Љубојна ќе промовира дел од последниот албум,  специјален гостин е Џамбо Агушев, а со нив ќе настапи и Лука Ем-Си.
Вториот ден е резервиран за настапот на босанскиот и светски познат изведувач на севдалинки, Божо Вречо и групата „Џипси Грув“.

Вречо е еден од најинтересните и најпознати изведувачи во доменот на севдахот. Лирски тенор кој предизвикува бројна публика и затоа настапува на концерти низ Европа и светот кои претходно се распродадени. Неговата а-капела интерпретација на севдалинките е секогаш спектакуларна. Има ангелски глас и во Битола ќе пее песни од неговите четири албуми вклучувајќи го и последниот „Пандора“ издаден во Брисел.

Џипси Грув изведуваат автентична балканска ромска музика во која се влеваат и други музички влијанија како џез, реге, фанк. Членовите на бендот се од различни етнички припадности и нивните настапи донесуваат културна разновидност. Настапувале на различни сцени низ Европа и светот иако се формирани пред неколку години, односно во 2010 година.

Фестивалот „Музика од Светот“ во изминатите осум изданија беше домаќин на познати музички имиња од државата и светот меѓу кои Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов, Каролина Гочева, „Фолтин“ и други.