„Битола мој роден крај“ се пее во Африка

0
2248

Ако слушнете дека среде недопрената Африка, некој пее „Битола мој роден крај“ и „Македонско девојче“ на чист Македонски јазик и вешто игра Македонско оро не бидете изненадени. Тоа само значи дека битолска нога згазнала и таму.

Битолското „чупе“ Александра Павловска, веќе неколку месеци, е на студиски престој во малата, сиромашна, африканската држава Гамбија. Таа таму ги учи локалните жители како подобро да ја обработуваат земјата и да го развијат земјоделството. Александра е студент на постдипломски студии по органско земјоделство и прехрамбени системи на универзитетот во Штутгарт. Додипломските студии ги завршила како првенец на генерација во соседна Грција. Претходно како член на Младинската кошаркарска репрезенатација на Македонија била стипендист во средно училиште во САД.

Александра живее во гратчето Фарафени на северот на Гамбија, близу границата со Сенегал. Таму таа е во постојан контакт со жителите и ги советува како да ги одгледуваат посевите, што да користат како ѓубриво, ги едуцира околу наводнувањето, но и соработува со нив околу маркетингот и продажбата на нивните производи, а често нејзините совети ги користи и Владата на Гамбија и невладиниот сектор. Нивните земјоделски вештини се доста назадни и производството на храна е навистина неефикасно-вели Александра.

Според Александра, Гамбија е мошне сиромашна земја каде луѓето буквално умираат за храна и вода. Се случува некој и со месеци да не добие комплетен дневен оброк. За среќа она малку храна што го конзумираат е богата со јаглехидрати па им дава доволно енергија и буквално ги одржува во живот.

Она малку слободно време што Александра го има, сепак тешко го исполнува. Таа вели дека Гамбија за забава може да понуди само мали, но убави плажи на нејзиниот атлантски брег, но и таму како и во остатокот од земјата движењето си има свои ризици. Така, таа пред воопшто да пристигне во Гамбија примила преку 12 превентивни вакцини против најразлични заразни болести, а таму секојдневно зема таблети против маларија, затоа што хигиената таму е на најниско можно ниво-вели Александра. Интересно, нејзиното секојдневие често знае да го исполни и по некоја брачна понуда, со две-три кози како мираз, затоа што-вели Александра таа е еден од ретките бели луѓе кои Гамбијците ги виделе.

Со нови впечатоци од својата афричка авантура, Александра ја очекуваме во Битола, на 24 овој месец.