Битола најслабо рангирана од т.н. голема четворка на клинички болници

0
1685

Скопјани со најголема, а жителите на Демир Хисар со најмала здравствена заштита. Има градови без пунктови за заштита на школски деца и жени, а други без барем еден болнички или стационарен кревет

Биточани не се веднаш зад Скопјани по степенот на здравствена заштита, не се ниту после Штип како второрангирани на ранг листата, а се после Тетово како треторангиран.

Кога станува збор за капацитетите што им стојат на располагање на жителите низ Македонија, воопшто не е сеедно дали живеете во главниот град, Скопје каде што има највисок степен на здравствена заштита или, на пример, во Демир Хисар, Берово, Свети Николе, Ресен и Виница, каде што жителите имаат најмали можности за здравствена заштита. Разликите се толкави што во Скопје, на пример, има 1 специјалист на 339 жители, а во Крушево дури на 3 182 жители.

Жителите на главниот град уживаат најголеми можности за здравствена заштита. Скопје е единствениот град во земјата кој има и клинички и општи болници и центар за јавно здравје, што го издига на првото место на оваа ранг-листа.

Инаку, Скопје има вкупен број бодови колку што имаат заедно петте последни рангирани градови (Демир Хисар, Берово, Свети Николе, Ресен и Виница).

Штип е второрангиран на листата на градови според степенот на здравствена заштита што им е овозможена на неговите жители. Штип има освоено само нецел поен повеќе од треторангираното, Тетово. Штип има клиничка болница и центар за јавно здравје.

Тетово има нецел поен помалку од Штип и е рангирано на третото место. И во Тетово има клиничка болница и центар за јавно здравје. Тетово има две најдобри потпозиции и тоа според мрежите на медицински единици, односно број на жители по пункт на здравствена заштита и според бројот на здравствени работници во секундарната здравствена заштита по жител.

A Битола е на четвртото место според вкупните бодови, иако е најслабо рангирана од т.н. голема четворка градови во кои има клинички болници и ги држат првите четири места на вкупното рангирање.

Најдобро рангираниот меѓу другите 20 градови е Дебар на 11-то место , а последнорангираниот Демир Хисар има освоено 13 бодови.

Подобро рангирани од овие градови, покрај Дебар се Струга, Гостивар, Кавадарци, Кичево и Гевгелија, со кои се заокружува групата здравствени региони со освоени 30-34 бодови, што значи дека сите тие им пружаат сличен степен на здравствена заштита на своите жители, стои во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.