Битола подготвена за 38-тиот ИФФК. Браќа Манаки

0
227

Со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско – македонската копродукција„Насоки“ на на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, почнува програмата на 38. Издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе трае до 30 септември.

Подготовките за гала отворањето во Центарот за култура во Битола се при крај, градот  веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот.

Пред проекциите на филмовите за отварање, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот ќе му ја врачи Златната Камера 300 за животно дело на годинешниот лауреат кој веќе пристигна во Битола, Пјер Лом, легендарниот француски и светски кинематографер. Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не можеше да дојде во Македонија, но негов претставник ќе ја прими  Златната Камера 300 за животно дело на утрешното свечено отворање на фестивалот.

За гала отварањето на фестивалот ќе се одржи и перформанс во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф  е Искра Шукарова, а ќе настапат актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска Денис Абдула,  танчерот Агим Бафтии и  студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје. Костимите и сценографијата се на Розе Трајчевска и Влатко Чачоровски.

По свеченото отварање, ќе биде прикажан филмот „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, кој е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.

Филмот „Насоки“, чијшто кинематографер е  Веселин  Христов, е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде што во шест такси-возила се испреплетуваат судбините на група луѓе – херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори.

38-то издание на ИФФК Браќа Манаки има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

Фестивалот годинава ќе ги одбележи и големите јубилеи на македонската кинематографија.

 

Без коментари