Битола центар на уметноста преку ликовната колонија Де Ниро

0
1085

Перформансот на Мирослав Масин и Фолтин беше дел од  годинешното издание на интернационалната ликовна колонија Де Ниро.
Кога ќе се каже Де Ниро првата асоцијација е на холивудскиот актер, а кога ќе се спомене битолски Де Ниро, асоцијацијата е на пицеријата, истоимениот хотел и се разбира ликовната колонија која веќе 13 години по ред се одржува во Битола.
Љубовта кон уметноста ги мотивираше Драги и Силвана Филевски пред 13 години да ја основаат оваа надалеку позната колонија која веќе стана бренд на Битола.
-Во 2005- тата година некои уметници со кои се дружев и од кои купував дела, ми раскажаа дека животна желба им е да има колонија во Македонија на која ќе се дружиме сите. Без размислување заедно со Миливоје Новаковиќ од Србија, Драган Ангелковиќ, Панде Петровски, почнавме приказна која еве сеуште трае. Потоа ни се придружија Григор Чемерски, Васко Ташковски, Мирослав Масин, Драган Мијач-
раскажува Филевски за почетоците на колонијата.
Околината и градот под Пелистер, а најмногу домаќините се причина што некои од гостите доаѓаат и повеќе пати на колонијата, а оние кои дошле за прв пат истакнуваат дека со задовлство би дошле повторно.
Оваа година учествуваа 8 уметници од Италија, Црна Гора, Србија, Полска, Англија-и Македонија, истакна координаторот на колонијата Панде Петровски.
Во текот на одржувањето на колонијата беше организиран омаж на починатите уметници од учесници на колонијата и тоа Владимир Ѓорѓиевски и Мустафа Скопљак.
Колонијата до сега има организирано 41 изложба во Македонија и надвор од државата, а веќе има договорено за крајот на 2017 и почетокот на 2018 уште неколку изложби.
Организираат и заеднички проекти со уметници и колонии надвор од Македонија меѓу кои Буљарица арт Црна Гора, со која колонија се збратимени,  колонијата од Србија и други.
Досега гостувале повеќе уметници од 20 тина земји, над 120 уметници кои направиле над 200 уметнички дела.
Оваа година колонијата „Де Ниро“ потпиша меморандум за соработка со завод за заштита и музеј Битола како и со МНД.  (Македонско Научно Друштво).
Сите уметници добија сертификати за учество, а Сергеј Андревски беше прогласен за почесен член на колонијата.
За учесниците беа  организирани посети на: Крушево и Зович – Мариово, Хераклеа, Пелистер, Прилеп.