Битолчани се забавуваа на концертната промоција на Пијан славеј

0
145

Битолската публика викендов се забавуваше на концертната промоција на најновиот албум на Фолтин-Пијан славеј.

Центарот за култура беше местото каде се одржа оваа промоција а воедно се и издавачи на овој албум на кој начин
се продолжува со поддршката на бендовите кои создаваат авторска музика.

Ела си в кревет, Пијан славеј, Облаче, Слободната љубов и уште две други нумери се дел од најновиот албум на Фолтин.
Текстот и музиката се комплетно авторско дело на оваа група.

foltin_2.jpg

Дел од песните во најновиот албум со наслов Пијан славеј беа промовирани на мини турнејата која започна во Загреб во рамките на третото издание на манифестацијата Дозволен четврток, некои други помали места од просторите на бивша Југославија а продолжи во Љубљана.

Настапите секаде поминуваат одлично , музичката критика Фолтин ги опишува како еден од најатрактивните бендови во регионот .

За новиот албум велат дека има жанровска разноликост но сепак е задржан оној нивни препознатлив музички печат.

На албумот и концертната промоција специјален гостин беше Васко Атанасовски – саксофонист и композитор од Словенија со македонско потекло.

foltin_3.jpg

Тоа по што е тој познат се неговите соработки со бројни музичари од светот на џезот, класичната и етно музиката. Меѓу многуте заеднички проекти еден од најпопуларните е соработката со Влатко Стефановски и Словенечкиот гудачки камерен оркестар.

Обвивката на албумот е дело на уметникот Мирослав Масин.

Фолтин се еден од најважните македонски бендови, кои со своите концертни настапи ги освоиле скоро сите светски меридијани, настапиле на најзначајните фестивали и се препознатливи по нивната оригиналност и автентичен музички израз.

Во досегашната дискографија на „Фолтин” влегуваат : „Outre-Mer” (1997), „Archimed” (2000), „Donkey Hot” (2003), „Lo-Lee-Taa-Too” (2005), „Penelope X” заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски (2011), „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо” (2008) , „Антитело” (2012).

Нивниот стил се опишува како страствен, динамичен, полн со изненадувања.
Во долгогодишното постоење направиле музика за повеќе од 20 тина театарски претстави, како и хитот за документарниот филм Кеш и Мери, а во моментов работат музика за уште еден филмски проект.