Битолска екипа дел од претставата во Ана Комнена во Велешки театар

0
701

Битолска екипа е дел од најновата премиера во Велешкиот театар и тоа главната улога ја игра актерката Кети Борисовска, покрај неа и Марија Стефановска, а сценограф на претстава е Валентин Светозарев.

Се работи за претставата за византиската принцеза, некрунисаната кралица Ана Комнена. Автор на текстот е Сашо Димоски, а режијата на Ненад Витанов и Васил Зафирчев.

– Ова е праизведба на текст второрангиран на конкурсот за отворање на зградата на Велешкиот театар. Претставата е голема продукција не само поради техничко-технолошкиот карактер туку и поради темата. Таа е не е историска драма, туку современ драмски прочит, третира теми универзални во времето, за современите општествено-политички случувања, го третира феноменот на власта. Сето тоа преку некрунисаната принцеза Ана Комнена, која никогаш нема да стане императорка на Византија, туку ќе стане светски позната по книгата ,,Алексијад“, напишана во чест на нејзиниот татко – потенцира Зафирчев.
Во претставата настапува целокупниот ансамбл на Велешкиот театар, плус тројца млади актери студенти од ЕСРА. Сите толкуваат историски ликови кои навистина постоеле.
Покрај Борисовска, во претставата настапува речиси целиот ансамбл на театарот: Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Весна Димитровска Бобевски, Зорица Панчиќ, Жарко Спасовски, Александар Велјановски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Маја Љутков, Александар Ѓеоргиев, Кирил Гравчев, Марија Стефановска, како и студентите од Факултетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА“ Даријан Петровски, Андреј Серафимовски и Румена Шопова.

– И покрај перипетиите што и се случуваат во борбата за престолот, нејзиниот прогон, на крајот сепак таа успева да извојува морална победа, од која произлегува главната поента на претставата дека човекот не го прави позицијата општеството, туку душата и срцето – вели режисерот Ненад Витанов.
– Претставата е градена на три основни концепти како што се родовото устројство на светот, позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие. Овие три концепти се особено сериозни, на нив почива цивилизацијата – вели авторот на текстот Сашо Димоски.
Костимите се на Раде Василев, автор на музиката е Сашко Костов, додека видеодизајнот на Данчо Стефков.