Битолската чалгија и вкусот на шербетот преку албумот Шербет Љубојна

0
530

Во рамките на Фестивалот на музика од светот, Љубојна го промовираа и најновиот албум чиј репертоар беше претставен пред битолчани на затварањето на фестивалот Илинденски денови, во античкиот локалитет Хераклеа.

Звукот на цд-то е сладокусна мешавина на познатиот тембр на битолската чалгија и вкусот на шербетот.

Овој албум е заокружување на средбата на повеќе музичари кои својата енергија ја спојуваат во истиот. Врвно парче на чалгиска музика.

На албумот Љубојна соработуваат со Исмаил Лумановски со кој соработката започна од 2006 тата година.

Освен него тука е и соработката со Ратко Даутовски, Владимир Крстев, Александар Петров, Александар Гулевски, Зоран Беговски, браќата Љупчо и Игор Милевски, Тони Арслан, Најдо и Демир Шакирови, Благојче Трајковси.

Јосифовски свири на кантес на овој албум .

На денот на промоцијата на албумот, Љубојна го снимаа спотот за песната Излегов да се мамо рашетам, првата тема на албумот.
Кадифениот глас на Вера, распеаниот кларинет на Исмаил, испрекршените линии на оркестарот на Љубојна, рашетуваат по нерамни, тесни со калдрма поплочени сокаци на Битола.

Песните испеани во најразлични метрички форми, се сведоци за животот на битолските веселби.

Музиката е богато орнаментирана со препознатлив звук на радост и сончева игривост.

Звукот на албумот ќе биде дел од традиционалниот предновогодишен концерт во Скопје. Оваа година Љубојна снимаа два албуми, вториот албум кој всушност бил готов и пред Шербет Љубојна, ќе биде издаден наскоро.