Битолски книжевни паметења

0
620

По 6- ти пат во Битола се одржа манифестацијата Битолски книжевни паметења,

во организација на Битолскиот книжевен круг, која од оваа година доби меѓународен предзнак. Дел од манифестацијата беа претставниците од неколку држави, Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Словенија, Чешка, како и претставникот на Монголија.

– Манифестацијата е мост на соработка меѓу земјите преку литературата-истакна м-р Зоран Пејковски, претседател на Битолскиот книжевен круг.

Редакцијата на списанието за уметност „СУМ“ од Штип му ја додели годинешната награда „ЕРГО СУМ“ на Пејковски, за популаризација и афирмација на театарскиот израз. Пејковски ја добива наградата за неговите писмени артикулации во електронските и пишаните медиуми со кои ѝ дава гласност на сценската уметност, поточно на театарскиот израз, а претходно ја доби наградата Јован Котески, која ја доделува културниот центар Бран и ревијата за книжевност Бранувања од Струга.

Пејковски е магистер по драматургија. Тој е и поет, прозаист, преведувач и публицист, а и драматург во Народниот театар од Охрид. Докторант е на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Од 1995 година членува во Друштвото на писателите на Македонија и е претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола. Член е и на Македонското научно друштво од Битола. Главен и одговорен уредник е на регионалниот информативен неделник „Јавност“ и на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое го издава Битолскиот книжевен круг.

На манифестацијата исто така беа доделени и наградите „Книжевен круг“, прогласени добитниците на наградите „Слово“ и „Лингва“, а се промовираше и списанието „Раст“.

Манифестацијата започна со изведба на сценско-драмскиот рецитал „Апостолска чудотворност“ работен според истоимениот драмски текст од Зоран Пејковски изведен од актерите на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Манифестацијата „Книжевни паметења“ продолжи во Општина Новаци и Општина Могила.