Битолскиот Монмартр ги дочека детските ликовни уметници од целиот свет

0
363

Со огномет беше свечено отворено 35 тото издание на малиот битолски Монмартр во старата битолска чаршија, која ги пречека сите учесници од повеќе држави на оваа манифестација .

– Во Битола покрај светската изложба ќе има и хепенинг, а децата ќе ги посетат и Охрид и Крушево . Свеченото отварање е во знакот на учениците од Спишка Бела, Словачка кои се годинешни добитници на највисокото одличје, наградата гран при, истакна основачот на детското ликовно студио Коста Хаџи Антоновски.
До 30 ти мај во Битола ќе престојуват ученици и нивните ликовни педагози од Словачка, Кина, Египет, Русија, Турција и други земји.
И оваа година во Битола е присутен претставникот на Хонг Конг, Хенри Лео, кој 10 доаѓа на фестивалот.
По врачувањето на наградите за најдобрите ликовни творби кои беа претставени на светската изложба, учесниците започнаа со сликање на различни локации.
Првиот ден од меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ беше во знакот на патрониот празник на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола кое името на сесловенските просветители го носи од првиот ден на основањето.

– Патрониот празник го славиме со неколку јубилеи – 35 години „Мал битолски Монмартр“, 60 години лична педагошка дејност и 81 години живот, исполнет со голема посветеност кон децата од светот. Младите ликовни таленти утрово почнаа да сликаат пред Градскиот часовник, Старата битолска чаршија и на Широк Сокак и веќе учествуваат во првата новина на годинешната колонија, а тоа е избор на најдобриот поединец на денот кој ќе го избираат самите учесници-додаде Хаџи Антоновски.
Во рамките на програмките новости е и наградата најдобар ликовен педагог која биде доделена на крајот од колонијата.
На 29ти мај ќе се одржи ликовниот хепенинг „Рио 2016“ кога учесниците ќе сликаат на тема „Олимпијадата во очите на децата“, а најдобрите ликовни творби ќе бидат претставени на изложба во олимпиското село во Рио де Жанеиро.