Битолскиот театар гостува на ФИАТ во Подгорица

0
463

Денес Битолскиот театар заминува на пат за Подгорица, каде ќе учествува на фестивалот ФИАТ, фестивал на интернационален алтернативен театар, со претставата Хамлет машина по текст на Хајнер Милер и авторски текстови на драматургот Билјана Крајчевска и актерите, а во режија на Андраш Урбан.

Претставата е документарна приказна за човекот што размислува за својата положба во општеството.

-Театарот е заедница.Претставата е акција.Реалност типична за себе. Зборуваме за слободата. За слободата која ја живееме. Барем додека твориме. Тоа е вистинската забава-мојот живот, твојот живот-вели режисерот за претставата.

Користејќи ја отвореноста и флексибилноста на текстот за интерпретација, Урбан создава единствен авторски проект, поврзан со моменталните општествени, јавни и културни случувања во Македонија.

Во отстуство на карактери и акцијата, како одговор на семантичкиот потенцијал на познатите Шекспирови ликови Хамлет, Офелија, таткото,драмските ситуации се доловени од страна на актерите, кои излегуваат од своите ликови, што е резулат на поетиката на режисерот,а се со цел- актерите да ја пронајдат потребната емоција во размислувањето на современиот човек, за својата положба во општеството.

Актерската екипа ја сочинуваат-Катерина Аневска,Соња Ошавкова, Петар Горко, Никола Пројчевски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска, Борче Ѓаковски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев а костимите на Благој Мицевски.

-Битолскиот театар е еден од најстарите и најреномирани театри на овие простори, кој минатата година одбележа 70 години постоење, а театар кој гостувал на сите позначајни сцени ширум светот-се вели во официјалната програма на ФИАТ.

Со оваа претстава Битолскиот театар гостуваше и на фестивалот Desire во Суботица .

Изведбата на Хамлет машина е на 13-ти септември.