Битолскиот театар патува за Израел

0
293

Екипата на Народниот театар-Битола, ќе го изведе музичко-сценскиот перформанс „Шекспир засекогаш“, на интернационалниот фестивал во Израел- Акко.
Перформансот е составен од музичка програма што ја изведе култниот битолски бенд „Фолтин“ и монолози од повеќе драми на Шекспир, како „Магбет“, „Ромео и Јулија“, „Ричард Трети“ и „Кралот Лир“.
„Шекспир засекогаш“ беше прв пат изведена минатата година на свеченото отворање на „Битола Шекспир фестивал“. Во претставата настапуваат актерите Соња Михајлова, Катерина Аневска и Никола Пројчевски, групата Фолтин и музичка придружба на Александар Димовски и Валентин Светозарев. Претставата беше одиграна и во Санкт Петербург, а на фестивалот во Израел ќе биде изведена на 8 – ми и 9-ти октомври, информираат од секторот за односи со јавност во НУ. Народен театар-Битола.

Во рамките на перформансот „Шекспир засекогаш“ актерката Соња Михајлова ја цитираше мислата на Шекспир дека „светот е театар, а сите ние сме актери на таа глобална сцена“.

На фестивалот во Израел, Битолскиот театар претходно гостуваше со претставата
„Отело“ во режија на Словенецот Диего де Бреа,  како и со
„Среќен крај“ во режија на Благој Мицевски.

Меѓународниот театарски фестивал за алтернативен театар „АCCО“,е фестивал на кој учествуваат уметници од целиот свет.

Театарот од Битола во последните години со поканите што ги добива од значајни театарски фестивали и светски културни центри е голем промотор на македонската театарска естетика на светските сцени.
Битолскиот театар претходно учествуваше на фестивалот во Куманово на Денови на комедијата,  со претставата Пијани, потоа на сцената на Младинскиот културен центар, во рамки на Младинскиот отворен театар ја одиграа „Фауст“, а во Црна гора на фестивалот МИТ.ги изведоа Ладало или Трагичната љубов на една луда девојка и Отело.

Без коментари