Битолското здружение на слепи лица со новоуредени простории

0
517

Здружението на слепи лица-Битола денес ги промовираше новоуредените простории на здружението што се наоѓаат во ЈУ Центар за социјални работи, односно населбата „Карпош“ во овој град.

Станува збор за донација од Битолските Лајонс и Лео клубови кои овозможија подобри услови за работа, истакна Стевче Костадиновски, претседател на Здружение на слепи лица-Битола.

-После подолг временски период добивме функционален и добро опремен простор, а комплетната поддршка и донација ја обезбедивме од Битолските Лајонс и Лео клубови. Посебно сум благодарен на младите леовци кои секој ден беа со нас, ни укажуваа што се треба да содржат новите простории и денес имаме нов дизајн и ново уредување кое финансиски беше поддржано од леовци кои пак средствата ги обезбедија од продажба на хуманитарни честитики во Битола, посочи Костадиновски.

На промотивниот настан во Битола се обратија поранешниот гувернер на Дистрикт 132 Македонија Драги Филевски и поранешната претседателка на Лео клубот Кабадаја, Ана Христова кои истакнаа дека добрата соработка со Здружението на слепи лица, несебичниот ангажман на леовците и лајонсите и програмските определби на клубовите се во функција на целната група, и што е најважно се се’ прави со уживање.

Здружението на слепи лица-Битола има 220 членови и тие заедно со членовите на Лајонс и Лео клубовите од овој град утре ќе го одбележат 15. октомври – Меѓународниот ден на Белиот Стап.