Бизнис заедницата смета дека надоместоците за авторски права се високи

0
252

Бизнисмените бараат транспарентност при утврдувањето на надоместокот за авторски музички права и отчетност за трошењето на нивните пари. Тие, како што беше речено на прес-конфернецијата во Стопанската комора, очекуваат да се утврди пазарна вредност на авторските права, авторите да ги добијат заслужените пари, а надоместокот да се плаќа рамномерно и според критериуми дадени во Диркетивата на Европската Унија.

Благој Христов, претседател на Здружението на информатичко-комуникациски технологии, вели дека бизнисмените главно очекуваат за овој вид издаток да се воспостави дијалог низ кој ќе се постигне договор со соодветните здруженија во однос на неговата висина и методологијата на неговото утврдување.

Бизнисмените, вели Христов, бараат при утврдувањето на методологија за пресметката и утврдување на тарифите предвидени во Правилникот за тарифи, да се земат предвид и економските параметри, односно висината да зависи од економскиот амбиент во државата.

Даниела Василевска-Михајловска од Стопанската комора подвлече дека бизнисмените иако имаат забелешка на сегашниот износ на надоместокот за авторски и сродни права, доколку видат јасна методологија, точни пресметки и логично образложение, можеби и ќе се согласат да плаќаат ваков износ.

Таа вели дека во одделни сектори овој надоместок се плаќа по различни основи, а збирот на годишно ниво кај дел од нив е еднаков на годишниот износ што тие го плаќаат за Данок на додадена вредност или еднаков на туристичката такса што ја плаќаат угостителските капацитети.

Бизнисмените, како што беше речено на прес-конференцијата, бараат и вклучување на државата во процесот за да се овозможи полесно договарање меѓу засегантите страни и решавање на проблемот кој е актуелен веќе неколку години.