Блатер реизбран за претседател на ФИФА

0
122

Швајцарецот Јосеф Сеп Блатер, на 65-от Конгрес на ФИФА е реизбран за претседател на најмоќната спортска организација. На Конгресот, кој мина во сенка на скандалот со апсењето на шестмина високи функционери на ФИФА, Блатер во првиот круг добил 133 гласови од можните 209, а вториот круг не се одржа бидејќи противкандидатот Али бин Ал-Хусеин се повлекол од трката.

Ново-стариот претседател го доби петтиот последовен мандат и на тој начин ги преживеа сите притисоци по корупцискиот скандал, а најсилен беше оној на УЕФА и нејзиниот претседтел Мишел Платини кој бараше Блатер да се повлече од трката за претседател.

Блатер истакнал дека ФИФА ќе продолжи да се бори против местењето на натпревари и против расизмот, кои ги означи како најголемите проблеми во спортот.

„Ви благодарам што ми дадовте можност да го водам овој брод наречен ФИФА и во наредните четири години. Ќе го вратиме бродот на брегот, но на тоа мора сите заедно да работиме“, рекол Блатер на почетокот на својот говор во кој му честитал и на својот против кандидат јорданскиот принц Ал-Хусеин.

Блатер исто така најавил промени во организацијата истакнувајќи дека е потребно поголемо ангажирање на жените.

„Ќе се сетите пред четири години имав за решавање многу проблеми, ве предизвикав, сега тоа нема да го сторам, но ние мора да решиме некои проблеми внатре во ФИФА, бидејќи мораме да имаме подобри преставници во конфедерациите, потребни ни се и жените, мора да ги има повеќе во организацијата. Мораме да направиме повеќеи во организацијата на натпреварувањата но нема да интервенираме во системот на Мундијалите. Сепак ќе мора повеќе да ја почитуваме Океанија, тие имаат само еден глас, тоа не е добро за солидарноста во ФИФА“.

Швајцарецот ветил дека за четири години на својот наследник ќе му предаде силна организација.

Јосеф Сеп Блатер на чело на ФИФА застана во 1998 година кога го наследи Жоао Авеланж, на тие избори тој го победи екс претседателот на УЕФА Ленард Јохансон. Четири години подоцна го победи противкандидатот, тогаш првиот човек на африканскиот фудбал Иса Хајат. Пет години подцна Блатер немал противкандидат, а во 2011 година е реизбран на функцијата откако против кандидатот Мохамед бин Хамам, тогаш првиот човек на Азиската федерација беше супендиран под обвинение за примање поткуп.