Боко харам објави видео на киднапираните ученички во 2014

0
820

На видеото можат да се видат педесетина девојки зад милитант на Боко харам, кој бара ослободување на нивни борци во замена за ослободување на девојките, пренесе Би-би-си.

Вкупно 276 девојки беа киднапирани од нивното училиште во северниот нигериски град Чибок во април 2014 година, а 219 се верува дека се’ уште се во заробеништво.

На видеото се гледаат некои од киднапираните од Чибок.

„Треба да знаат дека нивните деца се’ уште се во наши раце“, вели човекот, чие лице е покриено на видеото објавено на „Јутјуб“.

Тој тврди дека некои од девојките загинале во воздушните напади, од страна на властите.

Масовните киднапирања предизвикаа бес кон конфликтот со терористичката група Боко харам, во кој од 2009 се убиени најмалку 20.000 луѓе.

Ова е трето видео кое се појавува откако девојчињата беа киднапирани пред две години.