БПЦ ќе ја застапува МПЦ пред другите православни цркви

0
282

Синодот на Бугарската православна црква денеска едногласно одлучи да преземе обврска „да посредува и да се залага пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за воспоставување канонски статус на МПЦ“. На седницата се разговараше за писмото од МПЦ, во кое македонската црква бара од бугарската да ѝ биде црква-мајка ако ја признае нејзината автокефалност.

Во соопштението по седницата на Светиот Синод на БПЦ се наведува дека бугарската црква никогаш не била рамнодушна кон страдањата на македонската црква.

„Во случај кога МПЦ ја признава БПЦ – Бугарска патријаршија за своја Мајка-Црква, БПЦ-БП, имајќи го предвид својот свет долг, презема обврска за целосна соработка, да посредува и да се залага пред Помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за воспоставување канонски статут на МПЦ“.

Светиот синод на БПЦ-БП ќе формира Синодска архиерејска комисија за преговори со МПЦ и со останатите Помесни православни цркви за воспоставување канонски статус на МПЦ. Претседател на комисијата ќе биде Митрополитот Старозагорски Кипријан.