Брак од интерес меѓу политиката и бизнисот

0
470

Се осмислуваат проекти само за да се испумпаат пари од буџетот, а имагинарните бизнисмени што ги добиваат тендерите, потоа им ги враќаат на политичарите, велат упатените.

Дека бизнис заедницата не е имуна на корупција, која се јавува низ најразлични форми и нивоа, потврдува и домашниот стопанственик Венко Глигоров, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Но, она што според него загрижува е тоа што во земјава е присутен најопасниот вид корупција, односно организираниот грабеж на општествениот имот на највисоко ниво.

„Во нашиот случај најопасна е корупцијата или организираниот грабеж кога се осмислуваат проекти, не за да се направи нешто, туку тие проекти се осмислуваат со однапред познати фирми и распределени пари само колку да се одлеат пари од државната каса и да одат во приватни џебови. Таа е најлошиот вид корупција, бидејќи се работи за огромни износи на испумпување од економијата, што е штетно за сите нас“, вели Глигоров.

Она што, според него, е поалармантно е појавата на таканаречени имагинарни бизнисмени.

„Има сомневања дека истите тие политичари отвараат сметки во странство и потоа сами со себе си се договараат. Така што, тие што се реални бизниси воопшто не ни стигнуваат до можноста за корупција. Затоа е добро да има смена на власта, зашто кога една власт премногу долго владее, таа се етаблира, се канализираат парите и сето тоа оди по партиска директива без можности за средства за подобрување на услугите кон граѓаните“, вели Глигоров.