Брисел ќе бара 100 милијарди евра од Лондон за напуштањето на ЕУ

0
363

Велика Британија треба да плати 100 милијарди евра за да ја напушти ЕУ, а министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, вели дека Лондон нема да плати за тоа.

Британскиот печат кој, се чини, крие од јавноста што се обврските на Велика Британија во ЕУ, жестоко го нападна Брисел, тврдејќи дека сака да го казни Лондон поради излегувањето од Унијата. Медиумите го нападнаа и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а „Телеграф“ отиде толку далеку што го нарече монструм, Дарт Вејдер и Распутин, бидејќи на британската премиерка Тереза Меј и ја скрши илузијата за безболен Брегзит.

Меј која дојде на чело на британската влада набрзо по изгласувањето на Брегзит минатата година, ги повика гласачите да ја поддржат на изборите на 8-ми јуни за да може да ја зајакне својата позиција во пресрет на преговорите за излез на земјата од ЕУ.

„Преговорите ќе бидат тешки. Барам од мојот народ да ми даде мандат да ги водам овие преговори. Секој глас за мене и за мојот тим е глас кој ќе осигура да го добиеме најдобриот можен договор за Обединетото Кралство“, изјави Меј.

Германските медиуми пренесуваат дека тереза Меј му предложила на Јункер за Велика Британија и Европската унија да се договорат за иднината на државјаните на ЕУ во Велика Британија и британците во ЕУ на самитот во јуни, но тој јасно и ставил до знаење дека постојат премногу сложени правни работи за тоа прашање да може брзо да се реши.