Брисел во безбедносна блокада, затворено метрото

0
1255

Белгија денес го крена нивото на тревога во регионот на главниот град Брисел на највисоко ниво, предупредувајќи ја јавноста да избегнува толпи поради сериозна закана од напад, изјави претставник на владата.

Степенот на тревога за Брисел е кренат на највисоко, четврто ниво по средбата на министрите и врвот на полицијата и безбедносните служби.

„На населението му советуваме да избегнува места каде што се собираат многу луѓе како шопинг центри, концерти или станици на јавниот превоз“, изјави портпаролот на владиниот кризен центар.

Нивото на тревога во Брисел е кренато по новата безбедносна проценка, само неколку часа откако против лице уапсено во Белгија било поднесено обвинение за тероризам во врска со нападите во кои во Париз на 13 ноември загинаат 130 луѓе. Тоа лице, чиј идентитет се чува во тајност, е трето против кое во Белгија е поднесено обвинение за нападите во Париз.

Портпаролот на кризниот центар одби да каже што ја предизвикало промената на нивото на тревога бидејќи истрагата продолжува. „Не можеме да дадеме повеќе информации. Истрагата сѐ уште трае“, кажа тој.