Бриселската полиција со водени топови ги растера демонстрантите

0
355

Полицијата на белгиската престолнина Брисел употреби водени топови zа да ги растера демонстрантите, кои и покрај откажувањето на „поворката на солидарноста“ со жртвите од неодамнешните терористички напади се собраа во неделата во центарот на градот.
Специјалните полициски сили по водените топови ги потиснаа демонстрантите, за коишто белгиските медиуми известија дека се „националисти“ и „фудбалски навивачи“, а чија бројност телевизијата RTBF ја процени меѓу 700 и 1.000.

Демонстрантите облечени главно во црни облеки, некои со прекриени лица, се собрале кај северната железничка станица на Брисел и се упатиле кон Бриселската берза, место коешто стана традиционално за искажување сочувство со жртвите од терористичките напади и кое е прекриено со свеќи и цвеќиња.

Демонстрантите, чиј настан не бил најавен ниту одобрен, скандирале „Сите против (џихадистичката група) Исламската држава“ и „Ние сме си дома“, фрлале факели и петарди.

Полицијата започнала да ги потиснува подалеку од просторот за сеќавање на жртвите и по кусо време успеала да го исчисти платото пред Бриселската берза.

Поворката којашто требаше да се одржи во неделата, организаторите ја откажаа по барање на властите, откако беше проценето дека тоа ќе претставува преголем безбедносен предизвик за полицијата, којашто е особено ангажирана и на најголем степен на готовност по нападите во кои претходно седмицава беа убиени 28 луѓе./крај/мф/сн