Британија најави кога ќе си замине од ЕУ!

0
251

Велика Британија планира да го активира Член 50 – формалниот процес за напуштање на ЕУ, на почетокот на следната година. Ова го изјави британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, цитиран од агенцијата AFP.

„Разговарав со нашите европски пријатели и партнери со очекување дека во почетокот на следната година ќе испратиме писмо за Член 50. Ние ќе се повикаме на него и ќе посочиме што нудиме да се оствари заминувањето“, рекол тој пред телевизијата Sky News од Њујорк.

Дотогаш британските министри ќе ги средат условите за Брегзит, а постапката може да трае помалку од планираните 2 години, посочи Џонсон. „Не мислам дека ќе ни требаат полни 2 години“, истакнал тој.

Министерот за надворешни работи даде уште насоки кон каква форма на Брегзит се стреми Лондон и го истакна продолжувањето на трговијата со ЕУ. „Ќе ги искористиме фантастичните можности за поголема слободна трговија со нашите пријатели во ЕУ“, истакнал тој.

„Ова е главно во нивен интерес. Ние не само што купуваме повеќе германски автомобили од било кој друг, но и пиеме повеќе италијанско вино од која било друга европска земја – 300 милиони литри секоја година. Тие нема да го подложат тоа на ризик“, уверен бил Џонсон.

Тој ги отфрлил предупредувањата на ЕУ дека Велика Британија треба да избира меѓу ограничување на миграцијата од Европа и зачувување на пристапот до заедничкиот пазар.

„Тие сакаат да поверуваме дека има автоматски компромис помеѓу она што го нарекуваат пристап до единствениот пазар и слободното движење. Тоа се чисти глупости, апсолутни глупости“, категоричен е Џонсон.

„Двете нешта немаат ништо заедничко. Треба да подготвиме голем договор за слободна трговија и да си ја вратиме контролата врз имиграциската политика“, изјави дипломатот.

Од Даунинг стрит 10 одбија да ги потврдат зборовите на Џонсон. „Позицијата на владата не е променета. Нема да го активираме член 50 пред крајот на 2016 година , ќе го користиме времето дотогаш, за да се подготвиме за преговорите“, изјави портпаролот на Владата.

Претходно премиерот Тереза Меј сподели дека има несогласувања со нејзините министри, од кои секој изразува сопствено мислење под кои услови треба да се оствари Брегзит.