Британскиот парламент ќе распише референдум за излегување од ЕУ

0
235

Британските пратеници во четвртокот ја поддржаа програмата на новата конзервативна влада на Дејвид Камерон, која вклучува и референдум за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

За програмата на новата влада гласале 326 пратеници, додека 279 биле против, откако на таа тема расправаа шест дена, по претставувањето на програмата од страна на кралицата Елизабета Втора.

Тоа беше првиот испит за новата влада на премиерот Дејвид Камерон, чија конзервативната партија во овој состав има апсолутно мнозинство во Претставничкиот дом, по убедливата победа на парламентарните избори на 7 мај.

Пред гласањето министерот за финансии, Џорџ Озборн, ги претстави новите намалувања во буџетот, особено целосната приватизација на британската пошта Ројал мејл.

Британското министерство пресметало дека новите намалувања ќе овозможат заштеда на повеќе од 4 милијарди евра во фискалната година од април 2015 година до март 2016 година. Новите одредби за штедење се однесуваат на сите министерства.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, вчера изјави дека пред одржувањето на референдумот лидерите на ЕУ ќе мора да ги разгледаат измените на договорот за да се спроведат реформите што ги бара Британија.

„Ако тоа е навистина потребно, ќе мора да размислиме за тоа“, рече Меркел во интервју за Би-би-си одговарајќи на прашањето дали договорите на ЕУ ќе се изменат за да им се удоволи на британските барања за реформи внатре во блокот.

Германската канцеларка рече и дека би можела да ги поддржи некои од измените што ги бара Камерон и потсети дека претходно се наоѓале решенија со примена на исклучоци за некои држави од политиката и законодавството на ЕУ за некои области.

„Оптимист сум и сметам дека, ако сакаме, можеме да најдеме добро решение. Тоа е составен дел од нашата работа, а во тоа спаѓа и создавање на потребните предуслови за Британија да остане во ЕУ“, рече канцеларката.