Британците Ларондина -танцувачите со Даунов синдром ги воодушевија битолчани

0
149

Со својата подвижност, чувство за ритам и координирани движења
деветтемина танцувачи со Даунов синдром од Британската танцувачка школа „Ларондина“ ја воодушевија битолската публика.

Настанот беше во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права, а во соработка со Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби. Регионалниот координатор Горица Поповска Налевска ни рече дека функционираат како  сервис центар  со цел да обезбедат социјална, образовна инклузија на овие деца, запознавање на родителите со правата и помош при нивното остварување и друго. Подготвуваат и дата база со детални податоци колку лица и семејства со посебни потреби има во Македонија.

Групата покажа што лицата со Даунов синдром можат да постигнат.

Заедно со „Ларондина“ во Битола дојде и ќерката на британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, чија сопруга Вероник беше иницијатор на целиот настан.

Танцувањето на оваа група е толку префинето благодарение на работата на продуцентот и кореограф Анџелина Алесандре, поранешна балерина, која 21 година работи со „Ларондина“.
– Ова е тренинг и за нивната меморија. Овие луѓе ја разбираат музиката, реагираат на неа, дури и на парче класична музика, некои повеќе и од другите луѓе бидејќи тие ги живеат нивните животи често пати низ музиката. Некои од нив немаат доволно пријатели, па ова го доживуваат како специјална понуда, вели Алесандре.

Во рамките на посетата, освен претстави, беа реализирани и неколку работилници за правата на лицата со посебни потреби, со акцент на нивните можности, наспроти ограничувањата, во повеќе училишта во Скопје и во Битола.

„Ларондина танцова група“ е основана пред повеќе од 20 години од Анџелина Алесендре и има настапувано во Обединетото Кралство, Русија, Америка, Франција и во други земји. Групата има цел да ги зближи наставниците од Европа и пошироко во Лондон и да ги обучува за посебни методи кои се користат за двократна училишна агенда за откривање на уметничките скриени таленти на лицата со попреченост.