Бројот на убиените во нападот на касарната во Тунис се зголеми на 45 луѓе

0
362

Најмалку 45 луѓе се убиени во понеделникот во Тунис во судирот меѓу безбедносните сили и неидентификувани напаѓачи кои избувнале по обидот да биде заземена касарна во градот Бен Гуерден, на границата со Либија, покажаа новите податоци од министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
Судирите избувнаа во понеделникот утрото кога вооружените напаѓачи нападнале полициска станица и воен комплекс во Бен Гуерден, 600 километри југоисточно од главниот град Тунис, по што дошло до жестоки борби меѓу припадниците на безбедносните сили и напаѓачите, појасни портпаролот на туниското министерство за одбрана, Белхасен Куслати, пренесува AFP.

Според официјалното соопштение, убиени биле 28 милитанти, а седум од нив се заробени. На страна на безбедносните сили има десет загинати, животите во вкрстениот оган во текот на престрелката ги загубиле седум цивили.

Покрената е потрага во областа по другите напаѓачи, а заедничките полициско-воени патроли се засилени и имаат хеликоптерска поддршка, пренесува туниската новинска агенција ATAP. Властите, исто така, го затвориле граничниот премин Рас Џедир со соседна Либија, како и туристичкото место Џерба.

Тунискиот претседател Беџи Каид Есебси го осуди „нечуениот“ и „координиран“ напад во Бен Гуерден, тврдејќи дека целата можеби била „преземање на контролата“ над таа област и „прогласување нова провинција“ под власта на екстремните исламистички групи.

„Тунижаните се во војна со варварството и со тие стаорци, коишто без секое сомневање, ќе ги истребиме“, изјави на државната телевизија тунискиот претседател Есебси.

Министерството за внатрешни работи прогласи полициски час кој ќе трае до 17 часот до 05 часот наутро./.крај/мф/сн