Бугарија излегува на трети избори во четири години

0
656

Бугарските гласачи излегуваат на трети избори во последните четири години, но анкетите покажуваат дека исходот ќе биде повторно крајно неизвесен и дека политичка стабилност во земјата не се наѕира.

Конзервативната партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и опозициските социјалисти (БСП) се буквално во мртва трка.

Истражување на Галуп покажува дека социјалистите имаат 30,3 а ГЕРБ 29,9 отсто поддршка. Останатите анкети исто покажуваат мала разлика меѓу партиите.

Борисов, уверен проевропски политичар, поранешен телохранител, пожарникар, полицаец и градоначалник на Софија кој често се бори со обвиненија за корупција и поврзаност со организираниот криминал, ветува побрз економски раст ако го освои третиот мандат.

Лидерката на БСП Корнелија Нинова е блиска до Русија и е чиста спротивност на Борисов. Тврди дека Бугарија ќе го употреби правото на вето во ЕУ ако Брисел се обиде да ѝ наметне нови санкции на Москва.

Социјалистите велат дека санкциите исклучително ѝ штетат на бугарската економија.

Дваесет партии и коалиции се надеваат на влез во парламентот, но реално се очекува пет да го минат изборниот праг.

Во случај на тесен резултат, составувањето на идната влада може да го решава блокот Обединети патриоти, сојуз на неколку националистички, евроскептични партии кои сакаат да ја спречат емиграцијата.

По затворањето на таканаречената „балканска рута“ Бугарија остана главната влезна точка на емигрантите на патот кон ЕУ.

Во парламентот би можела да влезе и нова партија, Волја, на бизнисменот Веселин Марешки, сопственик на фармацевтски синџир и бензиски пумпи. А се очекува дека тоа за првпат ќе ѝ успее и на партијата на турското малцинство.

Изборите во недела се предвремени, предизвикани од оставката на Борисов во ноември. Тој се повлече од функцијата откако претседателската кандидатка на ГЕРБ Цецка Цачева изгуби на изборите од Румен Радев, кој се натпреваруваше како независен кандидат со поддршка од социјалистите.

Борисов лично ја презема одговорноста за поразот, но од тој момент неговото мнозинство во парламент и онака толку спласна што власта не успеа да усвои ниеден поважен закон. Тој го скрати и својот прв премиерски мандат во 2013 година по масовните протести против наметнатите мерки за штедење.

Бугарија во моментов ја води преодна влада на чело со Огнен Герџиков.

Во случај на неделните избори да нема јасен победник, изгледно е дека во најсиромашната земја во ЕУ, оптоварена со корупција и неефикасно правосудство, ќе продолжи политичката нестабилност, пишува агенцијата ДПА.

Просечната бугарска плата изнесува 500 евра, најмала е во ЕУ и е само дел од она што работниците го заработуваат во Западна Европа. Затоа и не чуди што минатата година 30.000 млади нашле работа во некоја друга земја од Унијата.

Од почетокот на 90-тите од земјата емигрирале 3,5 милиони луѓе.