Бугарија оди на вонредни избори, Борисов го врати мандатот

0
336

Бугарскиот премиер во заминување и лидер на најголемата партија во парламентот, Бојко Борисов, денеска го врати мандатот на претседателот одбивајќи да формира нов кабинет со што се отвора патот кон одржување на вонредни избори на пролет следната година.

Борисов поднесе оставка во ноември, откако кандидатката од неговата партија ГЕРБ изгуби од прорускиот кандидат и поранешниот генерал, Румен Радев на претседателските избори.

Со тоа беше најавена политичка нестабилност во земјата каде ниедна партија моментално не може да формира влада без поддршка на неговата партија.„Нема да предложам формирање на нова Влада и го враќам мандатот“, рече денеска Борисов.

Според Уставот на Бугарија, претседателот следната недела ќе и даде мандат на другата најголема партија, на социјалистите, кои веќе најавија дека исто така ќе се врати мандатот за да се одржат избори, а потоа и на третата партија.

„Патот кон предвремените избори е отворен“, смета аналитичарот Димитар Ганев и додава дека оставката на Борисов претставува тактички потег на Борисов, за неговата партија ГЕРБ да ја задржи водечката позиција.

Новоизбраниот претседател, Радев кој има поддршка од социјалистите, должноста ја презема на 22 јануари, кога ќе може да го распушти парламентот и да закаже предвремени парламентарни избори коишто најрано би можеле да се одржат во март.

http://24vesti.mk