Бугарија сака да го ограничи бројот на бегалци кои ЕУ ќе ги прати во земјата

0
182

Бугарија ќе се обиде да го ограничи бројот на мигранти кои мора да ги прими во согласност со планот на Европската унија (ЕУ) за релокација на околу 40 илјади лица кои пристигнале во Италија и Грција.

Според предлогот на Европската комисија, ЕУ треба да прими и дополнителни 20 илјади бегалци надвор од земјите на ЕУ и да ги прераспредели внатре во земјите членки.

Се очекува Германија и Франција да примат околу 40 проценти од мигрантите, додека, пак, Бугарија, како најсиромашна членка, би требало да прими 572 мигранти кои веќе се наоѓаа во Италија и Грција, како и дополнително уште 200 бегалци.

„Бугарија ќе инсистира на тоа квотите за мигранти да бидат значително помали за земјите како Бугарија, кои се и надворешна граница на ЕУ и се под силен притисок на миграцијата“, навела бугарската влада во соопштенија, пренесува Reuters.

Приливот на бегалци во Бугарија, првенствено од Сирија и северна Африка преку границата со Турција, е зголемен за 60 проценти во првиот квартал на оваа година, во однос на истиот период пред една година и изнесува околу 3.200 лица, навела државната агенција за миграција.

Во обид да го ограничи илегалното преминување на своја територија, Бугарија долж границата со Турција изгради ограда. Плановите на ЕУ за релокација на мигрантите предизвикаа и загриженост во Франција и Германија, а Британија порача дека нема да учествува, додека, пак, некои источни членки на Унијата планот го нарекоа „доброволен“. Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ за овој план ќе разговараат на 15-ти и 16-ти јуни./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax