Бугарската Ромео и Јулија го затвори Шекспир фестивалот

0
506

Со бурен аплауз и со овации беше поздравена актерската екипа на Драмскиот театар од Габрово, Бугарија синоќа на затворањето на третото издание на меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“, што од 22 -ри до 28-ми јули се одржуваше во Народниот театар во Битола.

Претставата „Ромео и Јулија“ од Вилијам Шекспир, во режија на Петринел Гочев која е една од најдобро оценетите претстави во тековната театарска сезона во Бугарија, презентираше исклучителна актерска умешност со режисерски концепт кој изобилува со динамични сценски движења и кореографија.bugarska pretstava 2

Претставата понуди и впечатлива сценографија со префинети визуелни решенија и модерна и провокативна изведба која кај битолската публика наиде на посебен прием.

Гостите истакнаа дека со поканата да гостуваат во Битола, добија големо признание за учество на овој голем фестивал.

Битола Шекспир фестивал и годинава се одржа под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општина Битола а во организација на народниот театар од Битола.

На третото издание на „Битола Шекспир фестивалот“ беа понудени неколку нови и различни читања на Шекспировите дела. Дел од фестивалот беа и премиерната изведба на претставата „Антониј и Клеопатра“ на Битолскиот театар, во режија на Џон Блондел, како и претставите на Народното позориште од Сомбор, Србија, театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, Турскиот театар од Скопје, како и театарскиот перформанс на актерот Ги Сонен од Холандија.

Во рамките на фестивалот се реализираше и работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир, во која освен актерите на битолскиот театар и актерите од Лит-Мун театарот, беа вклучени и драматурзи, шекспиролози и режисери. Резултатот на оваа работилница како една голема коопродукција предвидено е да се реализира на четвртото издание на шекспировиот фестивал.

Дружењето после изведбата на бугарската претстава продолжи во театарското бифе, каде многубројните гости на фестивалот се забавуваа со музиката во живо, се споделуваа впечатоците за третото издание на Шекспир фест .

Претходните две години на сцената на Битолскиот театар како дел од овој фестивал, продефилираа големи театарски компании како што се Глоуб театарот, Кинескиот национален театар, Мексиканскиот национален театар и многу многу други што секако е една од главните причини за одличната посетеност на фестивалот.

Битолскиот театар е еден од театрите кој има најмногу поставени пиеси на Шекспир во Македонија и во регионот и тоа во моментот на репертоарот има три шекспирови дела на репертоарот: „Отело“, „Хенри VI трет дел и „Антоние и Клеопатра“.

Без коментари

LEAVE A REPLY