Чешка последна препрека на патот кон ЕП во Полска

0
114

Македонските ракометари во недела во Скопје ќе го одиграат клучниот натпревар за пласман на Европското првенство, кое наредната година ќе се одржи во Полска. Победа или нерешен резултат со помалку од 27 постигнати голови ќе ја однесе македонската репрезентација на континеталниот шампионат.

Натпреварот против Чешка доаѓа по рутинската победа во Швајцарија, каде ’црвено-жолтите’, настапија без неколку важни играчи. Кадровските проблеми ќе бидат присутни и на решавачкиот натпревар, бидејќи Наумче Мојсовски нема да игра, иако се очекуваше неговото пристигнување во Скопје.

„Со нетрпение го очекуваме овој дуел со Чешка кој решава кој ќе оди во Полска. Одигравме коректно во Швајцарија иако бевме без неколку клучни играчи, а капитенот Лазаров беше повреден. Победата во Швајцарија е добра за самодовербата. Верувам дека со помош на публиката ќе избориме победа“, рече селекторот Ивица Обрван на прес-конференцијата.

Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, против Швајцарија не играше поради повреда на листот на ногата, тој влегуваше во игра само за да ги изведува ударите од седум метри.

Лазаров, кој се повреди на стартот од финалниот меч во Лигата на шампионите, вели дека утрово првпат имал посериозен тренинг.

„Јас сум тука за да помогнам, најсреќен би бил да нема потреба јас да влегувам во игра. Овој меч го чекаме уште од моментот кога ги дознавме противниците во групата. Чешка е квалитетна репрезентација, нé очекува тежок меч, не треба да нé опушти добрата игра во Швајцарија. Факт е дека против Швајцарија игравме растоварено, бидејќи тој меч не беше пресуден. Чешка овде нема да дојде со бело знаме, но сигурен сум дека ние ќе бидеме тие кои ќе изборат пласман на ЕП“, рече капитенот на репрезнетацијата Лазаров.

Дуелот Македонија-Чешка ќе се одигра в недела, во СЦ „Борис Трајковски“, со поечток во 17.45 часот.