Чешката армија најверојатно ќе испрати и војници да ѝ помогнат на македонската војска на границата со Грција

0
451

Мартин Стропницки, министерот на одбрана на Чешка изјави дека неговата земја може да прати војници во Македонија за да ѝ помогне на Армијата на Република Македонија во одбраната од илегалното преминување на границата.

„Може да се појави потреба да се испратат воени лица во Македонија, покрај полицајците, да помогнат во справувањето со мигрантската криза”, рекол Стропницки по вчерашната средба со неговите колеги од Полска, Унгарија и Словачка, пренесе чешката телевизија.

Претходно официјални лица изјавија дека Чешка ќе испрати 25 полицајци да ѝ помогнат на Македонија во справувањето со ситуацијата, пренесе Спутник.

Европа и натаму има сериозни проблеми со големата бегалска криза во која илјадници луѓе бегаат од кризните жаришта во Сирија и регионот и бараат подобар живот во земјите членки на ЕУ.

Македонските власти претходно побарале помош од Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, земјите членки на т.н. Вишеградска група за надминување на проблемите на границата со Грција, главната бегалска рута за бегалците.