Честитка од поглаварот на ИВЗ по повод Рамазан Бајрам

0
844

Во честитката упатена до муслиманските верници по повод крајот на месецот Рамазан и утрешниот празник Бајрам, поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи испрати порака за мир, добри дела и толеранција меѓу луѓето без разлика на етничката и верска припадност. Токму овие вредностите се главните пораки кои ги негуваат рамазанските пости и кои треба да бидат почитувани од човештвото, рече поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.

„Браќа и сестри, почитувани верници. Денес ни е празник, го славиме Рамазан Бајрам, празник што го изразува нашето задоволство што сме муслимани, верници на Исламот, празник што го изразува нашата гордост и нашата благодарност кон семоќниот Алах што ни ги овозможи сите овие задоволства што се доживуваат само во текот на месецот Рамазан во кој што постевме и се молевме за среќа и бериќет, како за нас така и за сиот свет. Со таква чиста душа да продолжиме и денес, подавајќи рака еден на друг, да се гушнеме како браќа, да ја израдуваме софрата на сиромашните, да ја зголемиме љубовта и грижата кон сирачињата, за нашите родители, за нашите семејства…Мирот, милоста и благословот на Алах џ.ш. нека бдеат секогаш над вас“

Честитка упати и премиерот Зоран Заев: „…Големите верски празнувања се можност да се навратиме на вредностите и традициите кои се темел на исламската, но и на другите религии. Овие моменти да ги посветиме на семејството, да помогнеме на тие што им треба помош, но и да се воздржиме од лоши мисли. Тие вредности и чистиот дух се дел од денови поминати во пост. Духовниот благодет од големиот празник и понатаму нека биде инспирација и водилка за напредок и успех во Вашите семејства и во сите полиња од Вашиот живот. Чесниот живот и посветеноста на семејството се основа на градење на добро и функционално општество.

Посветеноста на Бога е заедничка на сите кои живееме на овие простори. Дозволете да повикам на слога и заедништво во сите области кои се заеднички за нас и нашите граѓани. Заедно и искрено да продолжиме со традицијата која со векови ги одбележува животите на овие простори. Македонија секогаш била пример за соживот, почит и разбирање и само така може да очекуваме позитивни нешта за нашата држава и за нашите граѓани. Заедно да работиме за полесен и поквалитетен живот на луѓето, за напредок во образованието, здравството, културата и сите други општествени сфери. Само со заедничка работа може да создаваме дела и вредности кои на следните генерации“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека светите празници, како што е Рамазан Бајрам носат голема духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност. „Ова се вредностите што водат кон спокоен и среќен живот. А човекот може да биде вистински спокоен и среќен, ако живее во општество на спокојни и среќни луѓе. Затоа почитувани сограѓани, да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени. Почнавме даградиме едно заеднично општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека заедно ќе успееме да обезбедиме квалитетен живот за сите нас.

Бидете чесни и одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата. Нашата заедничка иднина е во економски напредна и просперитетна Македонија, во неа заедно вложуваме и заедно ќе успееме“, се вели во честитката на Груевски.

mkd.mk