Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Ромите

0
314

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 8-ми Април – Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

„Би сакал најсрдечно да ви го честитам 8-ми Април, Меѓународниот ден на Ромите. Овој значен празник е можност за прослава на различноста, но и за евалуација на степенот на вклученост на ромската заедница во општествените текови“, се вели во честитката на Иванов.

„Во текот на 25-те години независност, Република Македонија напорно работеше за да ја унапреди социоекономската, политичката, и културната позиција на Ромите во општеството. Благодарение на македонскиот инклузивен демократски модел, Ромите имаат сопствена локална самоуправа и претставници во законодавната и во извршната власт. Ромскиот јазик се предава во училиштата и се слуша на брановите на Македонската радио-телевизија, но и на локалните телевизиски станици“, стои во честитката на македонскиот претседател.

„Сепак, свесни сме дека ни претстои уште многу работа. Сè уште постојат стереотипи и предрасуди кои фрлаат сенка на македонскиот модел на соживот. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел: еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија“, порачува Иванов.

„Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Вашата традиција и култура, светоглед и филозофија на живеење се вткаени во нашето секојдневие и како такви никој не смее да ги релативизира и минимизира. Посакувам и понатаму, заедно со другите граѓани на Република Македонија, посветено да продолжите да  придонесувате за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина Република Македонија“, заклучува претседателот во својата честитка./крај/мф/бс