Четири години затвор за напаѓачот на Шекеринска

0
1836

Основниот суд Скопје 1-Скопје го прогласи за виновен обвинетиот Панче Ангелов за кривичното дело насилство и му изрече 4 години затвор за нападот на Радмила Шекеринска. Обвинетиот Ангелов во судницата мирно ја дочека пресудата, но на излегување пред медиумите замина со пцовки. Тој на излегување од судот минувајќи покрај медиумите им се обрати со зборовите : „Нели се изнасликавте до сега?“, по што им упати пцовки и замина од Кривичниот суд.

Судијката при објавувањето на пресудата образложи дека биле земени предвид и олеснителни и отежнувачки околности, но во овој случај преовладувале отежнувачките околности.

Како олеснителни околности судот го ценел тоа што обвинетиот Ангелов е неосудуван, не се водат други постапки против него, се работи за лице на возраст од над 60 години, коректно се однесувал во текот на постапката, дал ветување дека нема да го повтори кривичното дело и се каел за стореното.

За отежнувачки околности судот го зел предвид тоа што кривичното дело е сторено без повод и причина, сторено е во највисокиот законодавен дом и наппаднати се пратеници, настанот бил снимен, а снимките предизвикале страв и несигурност кај населението.

„Обвинетиот Ангелов призна вина и беше свесен за тоа. По неговото признание беа изведени доказите, а законот за ова кривично дело предвидува казна од 3 до 10 години затвор. Обвинетиот Ангелов судот го огласува за виновен и го осудува на затворска казна од 4 години. Судот смета дека со ваквата пресуда ќе се постигнат целите на казнувањето, како и тоа дека пресуда ќе служи за пример на останатите граѓани на Република Македонија“, рече при објавување на пресудата судијката Џанета Бектовиќ.