Четворица уапсени за експлозијата во Истанбул

0
336

Четири лица се уапсени под сомнение дека се вмешани во нападот со автомобил бомба во истанбулскиот кварт Везнеџилер, во округот Бајазит, во вторникот утрото во кој беа убиени 11 луѓе, од кои седум полицајци, и ранети се уште 36, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за нападот кој официјално е карактеризиран како терористички чин ги обвини герилците од забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).

„Не е новина дека оваа терористичка организација (PKK- з,р.) поттикнува напади во градовите. Нашата борба против тероризмот ќе продолжи до крајот, до апокалипсата… овој напад не може да биде простен“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за новинарите при посетата на ранетите во болниците, пренесува AFP.

Според сознанијата на агенцијата Anadolu, која се повикува на безбедносни извори, четворица се уапсени во акција на одделот за тероризам во истанбулската Управа за безбедност, во чие седиште се однесени на испрашување.

Детонацијата била активирана во близина на автобус со припадници на специјалната полиција во близина на постојка на јавниот сообраќај, меѓу седиштето на локалната општина и кампусот на истанбулскиот универзитет, недалеку од историскиот центар на градот на европскиот брег од Босфор.

Полицискиот автобус, кој е најсилно погоден од експлозијата се превртел на покривот покрај улицата, а покрај него оштетени се и други автобуси и возила на истата улица. Експлозијата ги искршила прозорците на блиската џамија и на многу дуќани и разнела парчиња по околните улици. Меѓу 36-те ранети три се во критична состојба, изјави истанбулскиот гувернер Васип Шахин.

Неколку сведоци изјавија за турските медиуми дека по експлозијата слушнале од тој правец истрели, но не е познато дали пукале напаѓачите или полицајци во обидот да ги заштитат своите колеги.

Местото на експлозијата и натаму во вторникот е блокирано од полицијата на Истанбул.

„Кажано ни е дека со тоа полицијата сака да ги задржи луѓето што подалеку од местото на експлозијата. Почувствував како почвата се потргна под мене. Никогаш нешто такво немам почувствувано“, изјавил за Reuters Мустафа Челик, сопственик на блиска туристичка агенција.