Човекот што се презива Маседониа, ама нема ништо со Македонија

0
446

Да, се презивам Маседониа, ама немам ништо со Македонија, вели доктор Патрик, или како што го викаат, Пат Маседониа.

Нашата љубопитност околу неговото презиме е задоволена.

Д-р Маседониа, од Охајо, САД, за МКД.мк вели дека не сме единствените што се изненадени од неговото презиме.

„Немам никаква врска со вашата земја Македонија. Но многу луѓе овде, во Охајо, коментираат за моето презиме.

Моите корени се италијански. Од она што го знам за моето семејство, моите предци во Америка дошле во почетокот на 20 век, во 1900-тите, од Пескара, Италија. Сега можам да кажам дека имаме длабоки корени во Охајо“, објаснува д-р Маседониа.

Во Македонија не бил никогаш, но затоа дополнително ги збунува луѓето, како што додава, кога патува во Маседониа, град од околу 12.000 жители во Охајо, но со задоволство се труди да им одговори на прашањата за неговото презиме.

„Сум сретнал многу Македонци, кои потекнуваат од вашата земја, и забавно е да се разговара со нив. Но секогаш имаат прашања на кои не можам да им одговорам, бидејќи не го знам одговорот“, вели д-р Маседониа.

Најчесто го прашуваат дали е Македонец, од каде е таквото презиме и што е по националност неговото семејство.

„Има многу прашања, ама никогаш не е здодевно. Напротив, од тие прашања произлегле многу интересни разговори“, додава тој.

Инаку, Пат Маседониа е специјалист по гинекологија и естетска медицина. Веќе 30 години се грижи за здравјето на жените, а од 2004 година, како што вели, работи на естетска грижа и третман за минимизирање на ефектите од нормалното стареење на жените.

www.mkd.mk