Да ја вратиме демократијата во земјата, нема време за губење!

0
788

Минатата недела, кога се упатив кон Скопје во уште една посредничка мисија, бев целосно свесен за итната потреба за олеснување на политичкиот договор. Премногу долго земјата страдаше од длабока партиска поделеност, вели во своето најново обраќање еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Мошне сериозните и системски проблеми во владеењето на правото откриени во скандалот со прислушувањето, но исто така и неодамнешните настани во Куманово, покажаа дека земјата е близу до работ на бездната, политички и сè повеќе и економски, и ризикуваше да скршне од својот евроатлантски пат. Немаше време за губење. Нашата Унија не може да си дозволи зона на нестабилност на своите граници. Но, уште поважно, граѓаните на земјата заслужуваат подобро!

Поддржан од моите одлични колеги од Европскиот парламент, европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, вложив многу време и енергија во текот на последните месеци за прекинување на политичкиот ќорсокак, ги повикував лидерите на најголемите партии да ја преземат одговорноста според нивниот Устав и да работат на еден сеопфатен, мошне издржлив пакет на препораки што се однесуваат на длабоките проблеми во владеењето на правото со кои се соочува земјата.

Фактот дека политичките партии на крајот успеаја да постигнат договор во раните утрински часови на 15 јули – по 13 часа непрекинати преговори – во кои ги решија отворените точки на нивниот претходен договор на 2 јуни, пред сè претставува успех за земјата. Нејзините лидери конечно сфатија дека мора да постигнат компромис, да ги стават на прво место интересите на државата и на нејзините граѓани и да се договорат за излез од кризата преку предвремени, слободни и фер-избори. Заедничките посреднички напори на Европскиот парламент, на нашите земји-членки, на САД и моите сопствени напори помогнаа да се премости јазот помеѓу нив. Но прво и основно, ова е договор потпишан од лидерите на најголемите политички групи од целиот политички спектар, нивно дело, кое сега мора да се спроведе во целост, со добра волја и без одлагање.

Самиот договор не остава простор за сомнеж, ниту по содржината, ниту по тајмингот. Враќањето на опозицијата во парламентот, назначувањето нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата што произлегува од следењето на комуникациите, назначувањето на новите министри и заменик-министри во клучните министерства и стапувањето на новата влада на функција 100 дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, сето тоа е јасно наведено. Сите овие суштински мерки треба да го зајакнат политичкиот дијалог и доброто владеење, независното владеење на правото и довербата во правдата. Тие ќе кулминираат со слободни и фер-избори на 24 април следната година, кои ќе бидат подготвени од засилените државни изборни органи и ќе бидат набљудувани од ОБСЕ.

Уште поважно, овие чекори се придружени со многу прецизни препораки дадени од Европската комисија, кои се составен дел од политичкиот договор и за кои лидерите се обврзаа дека целосно ќе ги спроведат. Овие реформски приоритети се состојат пред сè од неопходните реформи во областа на владеењето на правото, правосудството и јавната администрација, но не помалку и во медиумскиот сектор, каде што неодамнешните, неприфатливи напади врз новинари се причина за сериозна загриженост и претпазливост. Јас овој проблем неделава го претставив пред Советот за асоцијација и непоколебливо ќе го следам. Работата на сите реформски приоритети мора да почне веднаш и ние ќе го разгледаме нивното спроведување, заедно со сите партии и со граѓанското општество, веќе во нашиот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД) во септември.

Дозволете ми да бидам кристално јасен: ЕУ не посредуваше за едноставно да се постигне договор за краткорочна стабилизација. Нашата цел е да ѝ помогнеме на земјата да се врати на својот евроатлантски пат и да ја заживее својата демократија, отвореното општество и владеењето преку избори и одржливи реформи.

Повторувам, нема време за губење. Извештајот на Комисијата за напредокот во средината на октомври е клучен тест за европската перспектива на земјата. Задоволен сум што нашето заедничко посредување даде плод. Неопходно е сега сите политички водачи во земјата да се однесуваат кредибилно и конструктивно. Тие мора да дораснат на задачата и да ја искористат шансата што ја отвори нивниот договор – во нивен интерес, и во интерес на нивната нација.

www.mkd.mk