Да не ми е сон?-збирка песни на Зоран Пејковски

0
1177

 

Како цветна патека
ме пресретнуваш
во сонот,
како ѕвезда водилка
ми го покажуваш
високиот замок на љубовта.

Ова e песната Сон од најновата збирка на песни – Да не ми е сон?, на авторот Зоран Пејковски промовирана во националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола.

За книгата авторот вели – Среќата на Човекот му е дадена од Бога и затоа повикува на битка против сомнежот, кој истовремено е едно од најсилните оружја на Злото. Затоа тој пее: “Немај сомнеж во среќата”. А сомнежот во среќата е најтесно поврзан со неверувањето. Рецептот и препораката на поетот е: да не се подложуваме на болки, кои произлегуваат од различни видови неверувања .

Промоторот проф.д-р Златко Жонглев истакна – После долготрајната анализа на поетската збирка “Да не ми е сон?”, слободно може да се констатира дека најдоминанти тематски преокупации во истата се љубовта, сонот и јавето, кои ја сочинуваат поетската пирустија која ги проткајува сите песни во оваа, по многу атрибути, извонредна поезија.Сонот и ониричното (“како сон”) се доминантна инспирација на Пејковски.

Освен нив, како значајно присутни тематски преокупации се и убавината, спомените, страдањето, минливоста и вечноста.

Всушност, скоро и да нема песна од оваа збирка во која не е присутен сонот, или барем ониричното.

Неодамна Пејковски ја промовираше Херувимите на Самуиловата круна, чиј издавач е Битолскиот книжевен округ.

Зоран Пејковски е драмски писател, поет и публицист од Битола , член на Друштвото на писателите на Македонија и директор и главен и одговорен уредник на регионалниот информативен неделник „Јавност“.

Наградата „Јован Котески“ за необјавена поетска книга, му припадна оваа година за книгата Златната прашина.