Да се преиспитаат верниците од Австралија дали ќе бидат дел од МПЦ

0
553

Бидејќи во дадените рокови не биле отстранети нелегитимните и расчинети свештеници во Австралија, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на последната седница донела став во кој се наведува како ќе се постапува со расчинетите свештеници и со од нив крстените, венчаните и погребаните верници како и со екскомуницираните верници.

-Со пресуда на црковните судови, ним им е одземено правото да изведуваат свети тајни и други чинодејствија. Светиот Синод едногласно донесе став дека сите чинодејствија донесени од расчинети свештеници се невалидни. Не дека претходно немаше став Синодот, туку сега едногласно се донесе. Тоа не е само кај нас, туку тоа е секаде така во православието, вели во телефонска изјава г. Петар, Митрополит Преспанско-пелагониски.VLADIKA

Во донесениот став од МПЦ им се наложува на сите парохиски свештеници на верниците од Австралија и Нов Зеланд при венчавање да им побараат документ дека се крстени од легитимен свештеник на МПЦ, а ќе добијат и список на расчинети свештеници.

Во ставот пишува дека на т.н верници, како што се именувани од МПЦ, ако се крстени или венчани од нелегитимни свештеници им се забранува причест, се додека не бидат крстени или венчани од легитимен свештеник.

-Да се преиспитаат дали тие сакаат да бидат дел од МПЦ. Ако не ги почитуваат овие одлуки на САС, тогаш ќе се смета дека тие се самоекскомуницирале од црквата, вели г. Петар.

Во одлуката е даден рок од 12 месеци за повторно извршување на крштевките, венчавките и опелата од легален свештеник, заклучно со 30 септември 2016. Доколку во овој рок се извршат светата тајна и обред, истите ќе се извршат бесплатно, а после рокот ќе се плаќа согласно таксеникот.

-Може да има и групно крштевање и венчавање. Сите што сакаат да бидат дел од МПЦ мора да ги почитуваат овие одлуки и ставови, вели г. Петар.

Од МПЦ велат дека во моментот има 6 цркви со легални и легитимни свештеници, 6 нелегитимни и една црква без свештеник. До крајот на годината црквите со нелегитимни треба да поднесат барање за назначување легитимни свештеници.

-За оние цркви и црковни општини каде има расчинети свештеници, треба итно да се отстранат и да се согласат САС да именува легални свештеници, вели г. Петар.

Документот го има на интернет страните на Македонската православна црква, Преспанско-пелагониската епархија и на Австралиско-новозеландската епархија.