Далечниот сон на Панде Манојлов

0
587

Деновиве, во издание на реномираната издавачка куќа „Матица македонска“ од Скопје во едицијата „Современа македонска поезија“, излезе од печат најновата поетска книга „Далечен сон“, од македонскиот поет Панде Манојлов. Книгата е поделена во четири циклуси и содржи 51 песна.
Во поговорот за овој поетски ракопис литературната критичарка Проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска, меѓу другото, ќе го забележи и следното:
– Поетската книга „Далечен сон“ од Панде Манојлов зрачи со топлина, патриотизам, елегични чувства, тага по недофатливото, по изминатото. Таа е, во исто време, и една лирска песна, така кодирана за да може да ја разбере секој читател, а да ја доживее секој Македонец: Да имаш Татковина/ и да ја немаш, /корен да имаш/ а вејка да си: без Македонија/ Македонец ли си!? („Вејка“)“.
Панде Манојлов е поет, прозаист, критичар и новинар, роден 1948 година во селото Породин, битолско. Автор е на 22 книги од кои како позначајни би ги споменале: Соѕвездие на болот (поезија, 1977), Блажевина (поезија,1988), Лет во сонот над Ајфеловата кула (поезија, 1998), Сонувај добрина (поезија за деца, 2012), Последната корида на душата (раскази, 2014) и и други.
Негови поединечни песни се објавени на повеќе јазици. Најпреведуван е на арапски јазик.
Член е на друштвото на писателите на Македонија и Асоцијацијата на писателите на Калифорнија (САД).