Дали Апелација ќе одлучува по жалбите или ќе се чека специјалниот јавен обвинител?

0
348

Осум дена е рокот во кој жалбите кои ги доставија обвинителите по одлуката на скопска единица според која снимките од прислушуваните разговори ги отфрли како незаконски прибавени, да бидат доставени до Апелациониот суд.

Скопскиот кривичен суд вчера соопшти дека обвинителството обжалило 21 решение на судија на ретходна постапка. Жалбите судот ги доставил до спротивната страна односно до адвокатот на премиерот, Никола Додевски на одговор. Тој има рок од 8 дена да се произнесе, но може и да одлучи да не одговори.
Откако ќе поминат тие 8 дена, жалбите и одговорите Кривичниот суд ќе ги испрати до повисокиот суд односно Апелација која треба да одлучи дали ќе ги прифати или ќе ги отфрли. Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски смета дека при носењето на одлуката апелациониот суд треба да го има предвид и јавниот интерес.
Користење на незаконски прибавени докази кои се однесуваат на тешки облици на казниви дела во случај кога се работи за јавен интерес препорачува и универзитетскиот професор Никола Тупанчевски.
„Добро би било одредбата од чл.12 од ЗКП да се релативизира така што да се остави можност во зависност од општествениот (јавниот) интерес, под одредни услови да се земат предвид и некои од доказите кои се однесуваат за тешки облици на казнени дела за кои се води редовна постапка; кога повредата на правата, со оглед на нивниот интензитет и природа, била битно помала од тежината на казненото дело. “, стои во заедничкиот труд на проф. д-р Никола Тупанчески и м-р Драгана Кипријановска – „Употребната вредност на незaконски прибавените докази – осврт врз стандардите и решенијата инкорпорирани во стразбуршкото и во компаративното право“
Апелација нема законски рок за да одлучи по жалбите на обвинителството што значи дека може да се одолговлекува до избор на специјален јавен обвинител кој според договорт од Пржино треба да се избере до 15 септември.