Дали и зошто граѓаните се плашат јавно да го искажат своето мислење?

0
409

„Не, благодарам“- е фраза на која новинарите особено оние што прват анкета, се веќе одамна навикнати. Но, иако веќе отрпнати од срамежливи граѓани кои се „алергични“ на камера, сепак во последно време нешто успеа да не изненади и замисли. Имено, граѓаните кои одбиваат своето мислење да го изнесат пред објективот на камерата, зад камера скоро секогаш знаат да ни кажат дека се извинуваат што не одбиле, но како што велат, тие не се разбирале од тие работи, тие не биле за на телевизија а и во денешни времиња не е паметно човек јавно да се експонира, особено затоа што работеле ваму или таму, или биле блиски до овој или оној. И овдека би сакал да кажам нешто во стилот:„Од каде излезе пак ова?!“ но толку често ги слушаме ваквите „да не чуе зло“ коментари што сосема сум сигурен дека нема човек што не ги чул или дури и искористил во некоја прилика. Она што не го знам е зошто?! Зошто срамот од камера на некои луѓе, е заменет со страв од камера од сите луѓе? Зошто се плашиме да го кажеме своето мислење?

„Стравот е субјективен. Секој има своја причина зошто одбива јавно да искаже став. Причините се најчесто, немање самодоверба, незнаење, но и страв за работното место, политички притисок…“-вели Фани Димитровска-Асим, Психолог

Спротивно на ова пак, кога камерата ја нема, а ликот е затскриен зад анонимноста на социјалните мрежи, храброста за јавно изнесување на ставовите наеднаш се зголемува.

„Се случува парадокс, оние кои одбиваат јавно да говорат пред камера, затскриени зад лажни профили на социјалните мрежи многу гласно го изразуваат своето мислење“- вели Фани Димитровска-Асим, Психолог

Добро е. За момент се исплашив дека цел народ ние уплашен и сите комплет сме за на психотерапија или за на бајачка. Ама вака кога имало логични и вообичаени причини за страв, не е за изненадување.